Со средства од ТАВ ќе се реализира изградба на три улици во Крива Паланка

Во Крива Паланка  отпочнаа работите на изградба на улицата „Вршачка“ во населбата Долно Грамаѓе за чија реализацијата средствата се обезбедени со поддршка на ТАВ програмата.

На отпочнувањето на градежните работи присуствуваа директорот на ТАВ Македонија, Метин Батак и вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, придружувани од градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Вкупната инвестиција изнесува близу 150.000 евра, а новата улица ќе биде пуштена во употреба за еден месец. Општина Крива Паланка преку ТАВ програмата ќе добие поддршка и за изградба на улици во населбите „Чивлик“ и „Мизовски ливади“ за коишто вкупната поддршка, заедно со улицата „Вршачка“ е околу 465 илјади евра.

– Нашата цел е јасна – рамномерен регионален развој и подигнување на животниот стандард. Ова се проекти директно за граѓаните, за подобри услови за живот во секоја општина, затоа што развиени општини значат и развиена економија“, истакна вицепремиерот Николовски.

Градоначалникот Мицевски рече дека Општина Крива Паланка во изминатите неколку години во континуитет работи на подобрување на локалната патна, канализациона, водоводна и останата инфраструктура, а градежната офанзива која трае во изминатите неколку години со несмалено темпо продолжува и во следниот период.

– Изградбата на нови улици, патни правци, спортски терени, водоводи, канализациони системи, регулации, тротоари, нови објекти, градски парк и плоштад се само дел од нашето секојдневие. Денеска сме тука во населба Долно Грамаѓе неполн месец по претходната посета кога го означивме отпочнувањето на изградбата на локалниот патен правец од А2 кон новите градски гробишта, за да го официјализираме почетокот на уште еден проект кој е од огромно значење за жителите на овој регион. Во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност до генералниот директор на ТАВ Македонија  Метин Батак, но и до Владата која посветува огромно внимание за решавањето на локалните проблеми. Со тоа оставаме траен белег на времето во кое делуваме и работиме, а се со цел, подобрување на условите за живот на сите граѓани и решавање на наталожените децениски проблеми, рече Мицевски.

 

 

 

Големина на фонт
Контраст