Потпишан договор за кофинансирање на проект за прекугранична соработка со Бугарија

Денес (28.07.2021) министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, потпишаа договор за национално кофинансирање на проектот „Одржливо искористување на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“, во рамки на настанот на кој беа потпишани дванаесет договори за кофинансирање на проекти за прекугранична соработка со Бугарија и со Косово.

Вкупниот буџет на проектот изнесува  459.435 евра од кои 223.902 евра се наменети за реализација на активностите во општина Крива Паланка. Средствата се обезбедени од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, а националното кофинансирање во висина од 15 проценти, што е задолжителен услов за користење на средствата од ЕУ, во износ од 33.585 евра, е обезбедено од Министерството за локална самоуправа.

Инвестициските активности на проектот предвидуваат изградба на пешачка патека на потегот од спортскиот комплекс кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, место викано Бабин Дол во должина од 885 метри со уредување на коритото на истоимениот дол. Во делот на неинвестициски  активности кои ќе се одвиваат во општина Крива Паланка, проектот предвидува организирање на фестивал за промоција на локалната традиција со реконструкција на средновековна битка.

Големина на фонт
Контраст