Промоција на монографија и документарен филм по повод 60-годишниот јубилеј на СОУ „Ѓорче Петров“

Монографијата насловена „Училиште на 21 век“ издадена по повод 60-годишниот јубилеј на СОУ „Ѓорче Петров“, вчера беше промовирана во НУ Центар за култура во Крива Паланка.

Во монографијата се опфатени последните две децении од работата на гимназијата.

СОУ „Ѓорче Петров“ своето постоење го бележи од далечната 1960 г. кога на 5. септември со одлука на Народниот одбор на Крива Паланка започнува со работа под името „Моша Пијаде“. Во своите почетоци, училиштето работи во адаптирани простории во зградата на ЦОУ „Јоаким Крчовски“ во централното гратско подрачје со вкупно 97 ученици, распоредени во три паралелки. Од учебната 1964/1965 година училиштето е  на денешната локација.  Во 1993 година името на првиот Патрон на училиштето ќе биде заменето со името на големиот македонски револуционер Ѓорче Петров.

Градоначалникот Мицевски во своето обраќање го истакна значењето на оваа образовна институција за развојот на општината и на целокупната заедница. Toj се заблагодари  за напорите и посветеноста на сите  професори, поранешни и сегашни, кои несебично се посветија на образованието на голем број генерации кривопаланчани, чии успеси се видливи не само дома туки и пошироко, надвор од границите на државата.

На настанот присуствуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, поранешниот претседател на собранието Тито Петковски, ученик во првата генерација на училиштето, како и поранешни и сегашни професори и ученици.

Присутните имаа можност да го погледнат и филмот посветен на училиштето, за почетоците, за растот и подемот на оваа највисока образовна установа во Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст