Екипата на КК Крива Паланка се пласираше во кошаркарската Суперлига

Со победата над екипата на „Пробаскет“ од Кавадарци во 14-то коло од Првата женска кошаркарска лига на РС Македонија, екипата на Кошаркарски клуб Крива Паланка од Крива Паланка се пласираше Суперлигата. Кривопаланчанки победата ја остварија на домашен терен, натпреварот се одигра синоќа во спортската сала „Бранители 2001“, а крајниот резултат е 93:65.

-Кошаркарски клуб Крива Паланка испишува нова историја во екипните спортови во градот. Работиме напорно сезонава, трета по ред во Првата лига, базирајќи се унапредување на нашите кошаркарки што потекнуваат од школата на клубот и посветено ја усвовршуваме нивната игра повеќе од седум-осум години. Тие се главното јадро на тимот, но во преодниот рок направивме и некои промени во составот, донесовме две странски кошаркарки, а го засиливме и стручниот штаб со стратегот Слаѓан Ивиќ, така што, она што го зацртавме како цел и го остваривме, а тоа беше пласман во Суперлигата. Овој проект наиде на разбирање и поддршка од повеќе општествено одговорни компании од Крива Паланка, Кривопаланчани кои се надвор од градот и државата но го сакаат спортот и веруваа во нас, за што упатувам голема благодарност до сите што ја поддржуваат оваа убава приказна, а ние продолжуваме да работиме напорно на зацртаните цели, изјави претседателот на КК Крива Паланка, Ведран Белешковски.

Натпреварувањето во женската Прва лига ова 14-то коло го вброи КК Крива Паланка во шестте екипи што ќе ги продолжат натпреварите во Суперлигата. Покрај КК Крива Паланка од групата Исток суперлигашките мечеви ќе ги играат и Баскет Кам од Македонска Каменица и ЖКК Вардар, Скопје, додека во група запад во Суперлига се палсирани КК Работнички, ЖКК  Бадел 1862, Скопје и ЖКК Струга 2009, Струга.

-Многу сум горд на сите девојки од тимот што постојано работат низ годините, но мора да искажам жалење што сето ова се случува во време на Ковид-19 пандемија, што ни ускрати моменти на заедничка радост и прослава со публиката, која е наш шести играч на теренот. Она што би сакал да го потенцирам е дека има бројни поддржувачи, вљубеници во спортот кои не бодрат постојано, сега од дома, бидејќи трибините се празни, како и наши пријатели, поранешни спортисти, како Горан Јакимовски-Шмуц, кој мора да споменам, иако не може да биде со нас, секогаш ја испраќа поддршката и се радува на секој наш успех. Верувам дека оваа поддршка што не следи, ќе вреди уште повеќе со секој нов ден и успех, рече Мирослав Ивановски, тренер на КК Крива Паланка.

Натпреварите од Суперлигата на програмата се веќе од претстојниот викенд.

 

Големина на фонт
Контраст