Засилување на тренерскиот и играчкиот тим на КК „Крива Паланка“

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, денес оствари  средба со стручниот штаб од Кошаркаскиот клуб „Крива Паланка“, а по повод најновото засилување во редовите на тимот.

На средбата, градоначалникот Мицевски беше информиран за двете нови звучни имиња кои КК „Крива Паланка“ ги донесе во женската екипа што настапува во Прва лига жени на КФСМ. Покрај звучните имиња кај играчите, тимот е засилен и во тренерскиот состав со големиот кошаркарски стратег, Слаѓан Ивиќ од соседна Србија, актуелен тренер во КЖК „Партизан 1953“, Белград.

Во полусезоната што претстои, боите на женската екипа на КК „Крива Паланка“, ќе ги бранат, Милена Марјановиќ од Р.Србија, поранешна сениорска репрезентативка на Србија, која игра на центарската позиција и Марија Вујадиновиќ од Црна Гора, плејмејкер, која ги бранела боите на татковината во својата  репрезентација.

Со засилувањето во стручниот табор со стратегот Слаѓан Ивиќ, се очекува дека КК „Крива Паланка“ во престојните неколку  месеци, ќе работи во насока на зајакнување на капацитетите и потенцијалите и на младинската школа и на сениорскиот тим, кој сега е засилен со искусните Мими Марјановиќ и Марија Вујадиновиќ.

-Ова засилување во стручниот табор со еден од најголемите кошаркарски стратези на Балканот и со двете странски кошаркарки  е голем чекор и важен момент за нашиот тим и нашиот град и само го потврдува нашиот стремеж за континуирана надградба и унапредување на кошарката и промовирање на Крива Паланка како еден центар на женската кошарка во Македонија, изјави Ведран Белешковски, претседател и тренер на КК Крива Паланка .

Стратегот Слаѓан Ивиќ изјави дека е презадоволен од гостопримството на сите структури на луѓето од клубот и сите кошаркарки.

– Исклучително задоволство ми е што во наредниот период од два ипол до три месеци ќе бидам во КК „Крива Паланка“, со луѓето од женскиот клуб, кои уште при првиот контакт и при пристигнувањето покажаа огромно гостопримство и повторувам, пресреќен сум што во следниот период ќе бидам во овој убав град.

Соработката со вашиот клуб е остварена во координација и со помош на селекторот на женската А репрезентација на РС Македонија, Владимир Ѓоровиќ и луѓето од клубот.

Благодарност и до мојот клуб КЖК „Партизан 1953“ и раководството кои ми овозможија да бидам отсутен во овој период од Белград, што е уште еден показател дека спортот нема граници и ги поврзува луѓето. Ќе се потрудам максимално, да овој мал клуб со тек на време го привлече вниманието на пошироката кошаркарска сцена и сигурен сум, дека во овој период ќе го подигнеме клубот на повисоко ниво.

Претседателот на клубот Ведран Белешковски заедно со неговите соработници во периодот од изминатите 15 години имаше големи одрекувања и му се заблагодарувам за тоа одрекување, честитајќи му, бидејќи да се одржи клубот во овие 15 години не е мала работа и јас ќе му помогнам да ги одржи тие цврсти темели и во следниот период. Со доаѓањето и на двете кошаркарки кои гледав да бидат, освен добри играчи, и добри луѓе, пред се, бидејќи тоа е исклучително важно каде што доаѓаме, и верувам дека ќе ја оправдаме довребата, не само на луѓето од клубот, туку и кон целиот град,  и верувам дека во блсика иднина ќе се слушне надалеку за овој клуб од Крива Паланка, изјави Ивиќ.

Во оваа прилика, градоначалникот Мицевски им  посака топло добредојде на новите членови на тимот и порача дека Општина Крива Паланка и тој лично ќе бидат поддршка на тимот со сите свои ресурси, а се во насока на унапредување и развој на кошарката, постигнување на подобри резултати и заедничко креирање на една успешна спортска приказна од Крива Паланка.

Кошаркарски клуб Крива Паланка работи и дејствува под слоганот „Едно име, еден град, еден клуб во срце носам јас“ и во тоа име, клубот се заблагодари на сите кои ја препознаа идејата за развој на спортот и кошарката во градот, а со тоа и во државата, од локалната власт и институциите, преку сите локални фирми и поддржувачи, спонзорите и секако, сите чинители и од повисоките надлежни власти, кои помагаат оваа визија да се реалзиира и  развива во нешто што ќе биде препознатлив бренд на градот.

 

 

 

 

 

 

 

Големина на фонт
Контраст