Крива Паланка обезбеди 1,2 милиони денари за граѓанските организации

Општина Крива Паланка оваа година издвои 1,2 милиони денари од сопствениот буџет за финансиска поддршка на граѓанските организации кои делуваат на ова подрачје.

Средствата се предвидени со Програмата за поддршка на здруженија и фондации за 2021 година, а се наменети за проектни активности во областите: подобрување на условите за живеење на социјално маргинализираните лица, активности за креирање и имплементација на младински политики и потреби, културно – историското наследство, заштитата на животната средина и локалниот економски развој.

10 март беше крајниот рок за доставување на пријавите, а право на учество имаат само фондации и здруженија што се основани и се со седиште на територијата на Општина Крива Паланка. Буџетите за предлог проектите треба да се во висина од 30.000 до 60.000 денари.

Во наредниот период следува процес на селекција и оценување на пријавите, кој започнува со административна проверка на доставените пријави, а продолжува со техничка и финасиска евалуација.

Сите учесници на Јавниот повик ќе бидат известени за резултатите, најдоцна 30 дена по истекот на крајниот рок за доставување на пријавите.

 

 

Големина на фонт
Контраст