Франкофоните од Крива Паланка продолжуваат да нижат успеси и меѓународни награди

Јазичните вештини и способности за владеење на францускиот јазик надополнети со креативност кај младите франкофони од кривопаланечките училишта беа препознаени и наградени на меѓународниот натпревар за стрип во организација на Фондот за донации „Бел идеал” од Париз, Франција.

Во знак на отпочнување на одбележувањето на месецот на франкофонијата, беа доделени наградите за седуммина најуспешни ученици кои учествувале на конкурсот за стрип, што како форма на уметничко изразување, беше голем предизвик за учениците од Основното општинско училиште „Јоаким Крчовски” и Средното општинско училиште „Ѓорче Петров” од Крива Паланка.

Конкурсот го организира фондот за донации „Бел Идеал” од Париз, Франција во соработка со училиштата, на почетокот на второто полугодие од учебната 2020/2021 година. Младите франкофони од Крива Паланка ги покажале јазичните вештини од областа на францускиот јазик креирајќи стрип на тема: зимски распуст, необично патување и мојот незаборавен ден.

Жаде Бенрејдал, основач на Фондот за донации „Бел Идеал” им честиташе на наградените ученици кои, рече, се покажале како умешни и креативни франкофони. Во ООУ „Јоаким Крчовски” наградени се по еден ученик од шесто до деветто одделение: Ивана Младенвска, Ивана Китановска, Ѕвездан Петковски и Марта Спасовска, сите ученици на професорката Елена Николовска, додека од гимназијата награди добија: Горана Симонова, Бијанка Миленковска и Марко Величковски кои работат под менторство на професорките Дијана Стоилковска Цветковска и Елена Ѓоргиевска.

Бенрејдал им се заблагодари на професорките по француски јазик Елена Николовска, Сашка Младеновска, Елена Ѓорѓиевска и Дијана Стоилковска Цветковска како и на учениците учесници на натпреварот, за нивниот огромен интерес и вложениот труд во текот на натпреварот. Сите учесници на натпреварот беа наградени од страна на организаторот, а победниците на истиот добија таблети или паметни телефони.

Ова претставува отпочнување на соработката помеѓу Фондот за донации „Бел Идеал” и училиштата во државата. Во текот на месецот на франкофонијата во Крива Паланка ќе се реализираат по повеќе активности за промоција на францускиот јазик и култура.

 

 

Големина на фонт
Контраст