Реконструкцијата на градскиот плоштад и парк се одвива според предвидената динамика

Во текот на вчерашниот ден градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и директорот на ЈП Комуналец, Миле Марковски извршија теренска контрола на градежните работи на градскиот плоштад, кој се реконструира во рамки на проектот „Крива Паланка -Источна порта на ЕВРОПА – Туристичка фестивалска атракција“ што општината го имплементира во рамки на Вториот повик за проекти финансиран со средства од ЕУ (ИПА 2), а менаџиран од Светска Банка преку Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“.

На лице место е утврдено дека по краткиот застој заради лошите временски услови и ниските температури, градежните работи продолжуваат со предвидената динамика. Подземната фекална и атмосферска мрежа е комплетно санирана и заменета, со изработка на дополнителни сливници и шахти и поставување на цевки со поголем пресек со цел да се задоволи новата состојба и зголемениот број на корисници во овој дел на градот.

Токму лошата состојба на подземната инсталација и непостоење на подземен катастар, со оглед дека плоштадот бил изграден пред 50-60 години, беа и причина за краткиот застој во градежните работи. Извршено е комплетно геодетско снимање на новоизградената состојба и на сите подземни комунални инсталации, што ќе биде внесено во постоечкиот ГИС систем на општината.

Во наредниот период се очекува изградба на проектираните амфитеатри, новопроектираната фонтана и партерно уредување на плоштадската површина.

Динамиката на изведба на градежни работи е согласно одобрениот динамички план и се очекува целиот проект да се заврши до месец јули.

Големина на фонт
Контраст