Потпишан договор за имплементација на проектот „Одржливо искористување на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“

Почетокот на 2021 година, Oпштина Крива Паланка го одбележа со успеси во делот на искористувањето на ЕУ фондовите со коишто ќе се развива туризмот во прекуграничниот регион.

Потпишан е договор за грант за реализација на проектот „Одржливо искористување на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“ кој е аплициран во рамки на Програмата за прекугранична соработка на ЕУ помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија.

Станува збор за инвестициски проект чијашто цел е зголемување на туристичкиот потенцијал на регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природното и културното наследство.

Инвестициските активности предвидуваат изградба на пешачка патека на потегот од спортскиот комплекс кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“, место викано Бабин Дол во должина од 885 метри со уредување на коритото на истоимениот дол.

Во делот на неинвестициски  активности кои ќе се одвиваат во општина Крива Паланка, проектот предвидува организирање на фестивал за промоција на локалната традиција со реконструкција на средновековна битка.

Вкупниот буџет на проектот изнесува  499.987.75 евра од кои околу половина треба да бидат искористени за реализација на активностите во општина Крива Паланка.

 

Големина на фонт
Контраст