Се одржа 6-то издание на Детскиот музички фестивал „Распеано симитче“ 

Во НУ Центар за култура Крива Паланка се одржа 6-то по ред издание на Детскиот музички фестивал „Распеано симитче 2020“. На фестивалот беа изведени 10 нови композиции, со модерен стил, создадени од локални и регионални автори, во прилог на афирмацијата на локалната музичка сцена и култура.

Детските песни беа изведени од млади таленти од Крива Паланка и Куманово и тоа: Лана Велковска, Михаил Митовски, Ева Јакимовска, Сара Димитровска, Дарија Пешовска, Ева Стојановска, Милица Арсовска, Јана Трајковска, Драгана Давитковска, Глорија Груевска и Невена Стаменковска.

По традиција, фестивалот и годинава имаше специјални гости, а овојпат тоа беа Ивана Манојловска и Вера Петкова, поранешни учеснички на „Распеано симитче“, кои пред 10 години настапија како солисти.

Автори на композициите се Игор Трајковски, Снежана и Оливера Николовски, Гордан Спасовски, Рената Кралевска, Филип Додевски, Лариса Жулина Митовска и Билјана Петковска Антовска,

Организатор на Детскиот музички фестивал е Центарот за аудиовизуелни уметности, покровител Општина Крива Паланка, а поддржувачи Министерството за култура, НУ Центар за култура и Градски музеј Крива Паланка.

– Овогодинешното издание на „Распеано симитче“ беше реализирано според здравствените протоколи и мерки. Беше обезбеден и онлајн пренос преку страницата на фестивалот, каде ќе биде поставено премиерното издание и детските композиции, истакна Методи Цветковски, извршен продуцент и директор на фестивалот.

Музичката продукција на композициите е на Сашо Митковски и неговото студио „СМ“, како и на Игор Трајковски. Дизајнот го изработи Натали Велевска, фотографијата е на  Ѓорги Костовски, видео продукцијата на  Студио „Лесански“, видео презентација на Виктор Петровски и техничка поддршка Давид Георгиевски.

Големина на фонт
Контраст