Потпишани договори за стипендирање ученици со попреченост вклучени во редовниот процес на образование.

Родителите на дечиња со попреченост од прво и второ одделение од Крива Паланка денес во малата сала на локалната самоуправа потпишаа договори за стипендирање на учениците, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ што го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Договорите ги потпишаа и одговорните од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Татјана Арсовска и Благица Димитровска, кои заедно со Здружението за давање услуги на лица со попреченост „Хендимак“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, се партнери во имплементацијата на проектот.

– На општо задоволство на дечињата и родителите денес се потпишани четири договори за стипендирање на дечиња со попреченост запишани во учебната 2020/21, првооделенци и ученици од второ одделение од двете основни училишта во Крива Паланка, ООУ „Илинден” и „Јоаким Крчовски”. Со овој проект за првпат се доделува директна финансиска помош кај родителите, кои се постојано изложени на дополнителни трошоци за реализација на сите неопходни дневни и секојдневни активности поврзани со нивните деца. Децата-стипендисти ќе добиваат средства во висина од 50 евра во денарска противвредност, за девет месеци во училишната година, а задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение. Вклученоста и редовноста на настава е од витално значење за задржување на стипендијата, изјави Благица Димитровска од „Инклузива“.

-Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е финансиски поддржан од страна на Европската Унија,  во рамки на истиот беше отворен повик за доделување вкупно триста стипендии за мотивација на дечињата со попреченост од целата држава, кои во учебната 2020/2021 година се запишале во прво одделение или го продолжија своето образование во второ одделение и  следат редовна настава, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата Ковид-19. Со тоа, направивме напори да обезбедиме целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта кои прераснуваат во безбедни средини што се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби. Целта на овие стипендии е да се пружи поддршка на семејствата на децата со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување, училишни материјали, специјализирана опрема, воннаставни активности, асистенти за помош, едукација, трошоци за терапија, транспортни трошоци или други слични специфични потреби, а воедно да се поддржи одлуката за проактивно и засилено запишување на ученици со попреченост во редовните училишта, истакна Арсовска.

Проектот во Крива Паланка се реализираше во соработка со Општината и стручните служби од основните училишта.

Големина на фонт
Контраст