Отворена изложба од ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски”

Настаните за одбележување на 76- годишнината од ослободувањето на Крива Паланка започнаа со отворањето на изложбата на дела од Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ во просториите на Уметничката галерија при ЛУ Градски музеј Крива Паланка. Изложбата беше отворена на 06.10.2020 во 18 часот пред поголема публика – љубители на ликовната уметност.

Директорот на музејот Драган Величковски ги поздрави присутните во галеријата и се заблагодари на нивното присуство на изложбата, која за жал поради светската пандемија е прва оваа година, но се надева дека нема да биде и последна.

Јордан Михајловски, координаторот на Меѓународната ликовна колонија изјави дека во галерискиот простор на 34-тата колонија симболично се изложени 34 дела од 14 автори од 2019 и 2020 година. Тој нагласи дека поради пандемијата овогодинешната колонија се одвивала со посебни  протоколи предвидени во услови на пандемија,  со скратено времетраење од 5 дена.  За прв пат после 30 години во колонијата учество земаа само македонски уметници. На оваа 34-та колонија учествуваа: Димитар Стојчевски, Гоце Божурски, Стефан Хаџиниколов, Цветанка Јопванова, Микица Трујкановиќ, Ангел Коруновски, Александар Филев, Дејан Иванов-Маргуш, Драган Најденовски и Касиопеја Наумовска додаде Михајловски. Во изминатите години се создадени околу 600 уметнички дела.

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски ги поздрави присутните уметници, учесниците на колонијата како и останатите гости. Тој  додаде дека општината во изминатите години давала и ќе дава подршка на колонијата во иднина. Градоначалникот Мицевски истака дека создадените дела на колонијата претставуваат трајна вредност за уметноста и културата на Крива Паланка и државата, но исто така преку  колонијата општината има интернациоална промоција со гостувањето на  уметници од сите континенти.

Изложбата е увертира во годинашното чествување на празникот на градот, 76 години од ослободувањето на Крива Паланка, кое ќе се спроведе во тридневна програма додаде Мицевски. Тој воедно ги покани присутните на следните настани кои следат од Програмата за одбележување на 8-ми Октомври-Денот на ослободување на Крива Паланка 2020 и повика за придржување  на протоколите за заштита од Ковид-19.

 

 

Големина на фонт
Контраст