Усвоена стратегија за развој на туризмот во Општина Крива Паланка 2020-2025

Советот на Општина Крива Паланка на денешната седница ја усвои стратегијата за развој на туризмот за период 2020-2025.

Изобилието на природни и културни убавини се најrолемиот потенцијал на Крива Паланка за развој на туризмот. Атрактивните планински предели на Осоговските Планини и сочуваната архитектура на повеќето рурални подрачја нудат огромни можности за инвестиционен развој во туризмот со цел постигнување на значајни економски ефекти.

Крива Паланка се наоѓа во процес на создавање на база за развој на туризмот, како модерна гранка, која се наметнува како одржлива форма, ако се земе во предвид потенцијалот, со кој располага ова подрачје.

Стратегијата за развоj на туризмот во Општина Крива Паланка има за цел да го мапира идниот туристички развој на регионот преку дефинирање на визијата, односно долгорочната цел која дава слика како сакаме да го видиме регионот после 2020 година.  Исто така треба да се напомене дека сите силни и слаби страни се идентификувани преку директни консултации со сите вклучени засегнати страни во реализацијата на оваа стратегија.

Иако досега се сметаше дека Крива Паланка и Осоговскиот прекуграничен регион имаат улога на транзитна средина, сега имајќи предвид дека овој регион е богат со културно-историско наследство, како и одлични планински ресурси, оваа гранка треба да овозможи локален економски развој. Кривопаланечкиот регион треба да биде пример за одржлива туристичка дестинација обезбедувајќи рамнотежа помеѓу социо-економските вредности на локалните заедници и самата животна средина. Ова значи дека културното и природното наследство да не се уништува и да се чува за идните генерации, а со тоа да биде во функција на развојот на туризмот, занаетчиство, малите бизниси, привлекување на инвеститори, намалување на сиромаштијата и создавањето на нови можности за вработување во овој прекуграничен регион.

Препознатлив и лесно достапен туристички регион со развиени автентични туристички производи, со подобри стандарди за работење и подобар квалитет на услуги, кои ќе ги почитуваат принципите на одржлив развој, а со тоа ќе прерасне во важен туристички бренд е визијата која претставува патоказ за сите идни стратешки решенија и оперативни интервенции.

Стратегијата е изработена од  Друштвото за консалтинг ТАРГЕТ КОМУНИКАЦИИ со поддршка на Општина Крива Паланка, а финансиските средства се обезбедени од Министерството за економија.

 

Големина на фонт
Контраст