Заживувањето и одржувањето на културното наследство и развојот на културниот туризам во пограничниот регион помеѓу Македонија и Бугарија, вчера беа свечено промовирани во Крива Паланка, како дел од проектот „Културното наследство –мост кон заедничка иднина“, што го реализира оваа општина во партнерство со бугарскиот град Дупница, а со финансиска подршка од ИПА програмата за прекугранична соработка.
На свеченото пуштање во употреба на реновираните простории и уредениот простор околу Градскиот музеј со урбана опрема за одмор и рекреација и детско игралиште, присуствуваа и заменик министерот за локална самоуправа Сашо Лазаровски и заменик градоначалникот на Дупница, Красимир Георгиев.
–Секој проект од ИПА програмата е проект и на Министерството за локална самоуправа, и затоа ја цениме ангажираноста на локалната власт. Средствата од ЕУ се сериозна финансиска подршка за развој на општините и регионот, а искуството од прекуграничната соработка и обединувањето на ресурсите во иднина ќе донесе уште поголеми придобивки. Менаџирањето со градежното земјиште, пак, е голем поттик за привлекување на инвестиции и заживување на локалната економија, истакна заменик министерот Лазаровски, кој ги повика и граѓанските организации да аплицираат со проекти за добивање на европски пари.
Вредноста на проектот изнесува 286 776 евра, носител на проектот е Дупница, а на Крива Паланка како партнер и припаѓаат 124 795 евра.
–Со овие средства ќе се оформи и првата археолошка поставка во Градскиот музеј, ќе се формира Центар за културно наследство со специјализирана опрема, ќе биде испечатена книга за старите занаети во регионот, брошура за популаризација на Центарот, а ќе бидат спроведени и заеднички културни работилници и изложба за заедничките културни вредности, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Со овој проект, според Алексовски, се заокружува културниот живот и одржливиот развој за културна консолидација во прекуграничниот регион, а Крива Паланка станува културно-едукативна точка со препознатливите белези.
Заменик градоначалникот на Дупница, г.Красимир Георгиев, истакна дека двете општина имаат повеќегодишно успешно партнерство во искористувањето на фондовите за прекугранична соработка и дека со влегувањето на Македонија во ЕУ уште повеќе ќе се почуствува бенефитот од Европската заедница.







