Во завршна фаза е спроведувањето на Програмата за јавни работи 2020

Во завршна фаза e спроведувањето на Програмата  за јавни работи 2020 финансиски  поддржана од Агенцијата за вработување на РС Македонија и Општината Крива Паланка. Програмата е дел од Оперативниот план  за активни програми  и мерки  за  вработување и услуги  на трудот за 2020 година како мерка 6.2 Програма за работно ангажирање за вршење на јавни работи финансирана од  Буџетот на АВРСМ.

Општината Крива Паланка е повеќегодишен корисник на оваа програма  и во истата   учествува  со кофинансирање  во износ од 20 % од  дневниот надоместок предвиден за ангажираните лица.

Во оваа  2020 година се ангажирани 12 невработени лица со ниски квалификации  кои беа ангажирани во вршење на јавни работи во три програмски области и тоа: Спроведување на превентивни мерки  за заштита од поплави; Подобрување на функционалноста  на патната инфраструктура; и Чистење на отпад од уредени и неуредени површини.

За период од  еден месец спроведено е чистење на поголем дел од регулациите на Белевски Дол, долот во населбата Единство и дел од дол Нимулија. Исчистен е одводниот канал во населба Бегови Бавчи, потоа одводниот канал покрај колективните станбени згради на улица Херој Карпош и одводен канал кај Технички сервис, а исчистени се и 23 улични сливници за атмосферска вода  на повеќе улици во градот. Во оваа активност  соберени се околу 70 м3 на акумулиран материјал.

Отстранети се и 55 м3 на материјал од одрони и наносен материјал на неколку  улици и локални патишта, а на неколку патни правци и улици извршено е кастрење на вегетација која го попречуваше нормалното одвивање на сообраќајот.

Спроведено е чистење на  9 локации  и тоа уреден дел на Стара вада, локални патишта за манастирот Св.Јоаким Осоговски, околина на Спортско рекреативен  центар, регулационо корито на Крива Река, локации околу „Радева воденица“, „Кадиска чешма“, зелена површина на зградите во н. Бавчалк, околина на градски пазар и на градската автобуска станица. Од овие локации  се  соберени 35 м3 на фрлен разновиден  отпад.

Во спроведување на дел од активностите со механизација се вклучи и ЈП Комуналец.

Големина на фонт
Контраст