Општина Крива Паланка изработи социјален план за 2021-2024 година

Општина Крива Паланка изработи социјален план за 2021-2024 година којшто е усогласен со Законот за социјална заштита и опфаќајќи ги визиите за сите ранливи групи од општината чијшто живот и услови за егзистенција ќе се подобруваат во претстојниот период.

Планот е изготвен за период од два месеци во координација на лицето одговорно за социјални работи во  Општина Крива Паланка, Елена Христовска, општинската администрација, Советот за социјална заштита, Министерството за труд и социјална политика, „ЕПТИСА”, Општинска организација на Црвен Крст, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Здружение на пензионери, Здружение на лица со интелектуална попреченост „Порака”.

– Отпочнавме пред само два месеци, најпрвин консултирајќи ги најинволвираните чинители во заедницата, формиравме Општински совет за социјална заштита, а бидејќи имав одлична соработка и соработници, благодарение на сите нив, денес сме тука да го претставиме финалниот документ, изјави Елена Христовска.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, го сподели задоволството од експедитивно сработениот документ којшто е прв таков изработен на ниво на општини во државата, посакувајќи и неговата имплементација да предничи во национални рамки.

– Задоволство е да се каже дека веќе пристигнаа и честитките од страна на Министерството за труд и социјална политика, кои воедно и ја изразија поддршката за понатамошна имплементација на планот, кој пак, е појдовна основа како значаен документ за да се реализираат активности со финансии од МТСП и достапни ЕУ фондови,за унапредување на социјалната карта на општината. Веќе е изработена и една проектна апликација на база на овој документ со партнери од Србија и Бугарија,па посакувам и што поскоро да имаме први активности во овој сегмент, иако тековно, низ работењето, сите кои го креираа планот, всушност, секој во својот делокруг на работење имплементира дел од истиот, изјави Мицевски.

Од „ЕПТИСА”, кои помогнаа во изработка на планот, посочија дека овој социјален план ќе биде успешен кога старото лице ќе биде попродуктивно и вклучено во заедницата, младите ќе имаат појасни визии и ќе се помотивирани за прогрес, а мајките на лицата со посебни потреби ќе бидат повешти и ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, вклучени во општеството.

Социјалниот план за Крива Паланка за 2021-2024 е слика за тоа кој и со кого ќе работи за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Социјалниот план за Крива Паланка е изработен во рамки на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјални услуги”, финансиски поддржан од Делегацијата на Европската унија во Скопје, а имплементиран од „ЕПТИСА”.

Големина на фонт
Контраст