Донирани пет кислородни апарати во Здравствениот дом во Крива Паланка

Градоначалникот на Општина Крива Паланка денес беше во посета на Здравствениот дом во Крива Паланка, каде направи обиколка на новоопремениот оддел за прием на потенцијални пациенти од  Ковид-19 (корона вирус).

Согласно насоките на Министерството за здравство, во Здравствениот дом од Крива Паланка, опремен е оддел за прием и негување на заболени од Ковид-19.

За таа намена,  комплетно се уредени и опремени медицински простории, како за потенцијални пациенти, така и за медицинскиот и помошниот персонал со вкупна површина од 300 м2 и 15 легла во одделот.

Во оваа прилика директорот на Здравствениот дом, д-р. Бранко Стаменковски изјави:

„ Во овие моменти на глобална здравствена криза сите активно се вклучивме  и заеднички правиме напори за подобра пристапност и третман за потенцијалните пациенти, а во насока на задоволување на потребите за подобра превенција и здравје на локалната  заедница.“

Здравствениот дом располага со искусни специјализирани медицински лица, кои секогаш се спремни да пружат врвна медицинска услуга на сите пациенти. Исто така ставени се на располагање и допoлнителни, соодветно опремени медицински простории, како и 30 дополнителни легла.

Од страна на општествено одговрни локални бизнисмени, за овој оддел,  денес беа донирани и  пет  апарати за кислородна терапија, т.н. кислородни концентратори на кои истовремено можат да бидат приклучени и по два пациенти.

Градоначалникот Мицевски во заедничка координација со претставници од Црвениот крст, денес го посети и семејството на заболениот наш сограѓанин и воедно врачи хуманитарен пакет со средства за хигиена, основни домашни намирници и храна, за ова семејство.

Во оваа прилика, градоначалникот  Мицевски ја изрази спремноста за помош и редовна поддршка од страна на локалната самоупрва и сите граѓани, во насока на што полесно справување со здравствените последици и спречување на ширењето  на вирусот Ковид- 19.

Воедно,  Општина Крива Паланка упатува апел до сите граѓани да се придржуваат до мерките и препораките од Министерството за здравство и сите надлежни институции.

 

 

Големина на фонт
Контраст