Препораки на Штабот за заштита и спасување на општина Крива Паланка

На  15.03.2020 година се одржа состанок на Штабот за заштита и спасување на општина Крива Паланка, во врска со потребата од преземање на  мерки и активности за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус).

На состанокот беа присутни:

–           Градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски

–           Командантот на Штабот Изабела Павловска

–           Началникот на Штабот Стојадин Гоговски

–           Заменик на началникот на Штабот Мартин Николовски

–           Секретарот на Општина Крива Паланка Љубомир Младенов

–           Претставник од Дирекцијата за заштита и спасување Митко Ангеловски

–           Претставник од ТППЕ Крива Паланка Иле Коцевски

–           Претставници од МВР на РСМ и тоа:

                        – Началник на ОВР Крива Паланка Игор Илиевски

– Командир на ПС на граничен премин Деве Баир Блаже Стојчевски

                        – Командир на ПС за погранични работи Север Зоран Костовски

–           Претставник од ЈП Комуналец – Крива Паланка Миле Марковски

–           Претсавник на ОО на Црвен Крст Крива Паланка Дарко Пешовски

–           Претставник на Здравствен Дом Крива Паланка Бранко Стаменковски

–           Претставник на Санитарен инспекторат Ленче Максимовска

На состанокот беа дискутирани превентивните мерки и чекори кои треба да бидат преземени, а во согласност со заклучоците, мерките и препораките усвоени од Владата на Република Северна Македонија, во врска со потребата од преземање на дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус).

По исцрпената дискусија и дадените согледувања и предлози од страна на членовите на Штабот и другите присутни лица беа донесени следните заклучоци:

– Доследно и одговорно да се почитуваат сите заклучоци, мерки и препораки на Владата на Република Северна Македонија за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус).

 – ОВР Крива Паланка во соработка со Пазарниот инспекторат редовно и целосно да го следи почитувањето на забраната за работа на деловните субјекти на територијата на Општина Крива Паланка, со изрекување на рестриктивни казнени мерки за непочитувачите на забраната.

 – Здравствениот Дом Крива Паланка да обезбеди просторија за изолација.

– Да се направи обид преку Министерството за здравство да биде обезбедено постојано или повремено присуство на епидемиолог на подрачјето на Крива Паланка, со оглед на фактот дека се работи за пограничен терен со зголемен транзит на домашни и странски државјани кои доаѓаат од земји со висок или среден ризик.

– Да се обезбеди зајакнато присуство на волонтерите на Црвениот Крст на граничниот премин Деве Баир, преку воведување на трета смена.

 – Да се зајакне контролата на граничниот премин Деве Баир со соодветно евидентирање на влезот на граѓани од Крива Паланка во Република Северна Македонија, а кои се жители на Општина Крива Паланка.

 – Да се зајакне контролата на граничните премини Голема Црцорија – Голеш и Огут – Трговиште за соодветно и навремено детектирање на евентуални обиди за нелегален влез во државата.

 – ЈП Комуналец – Крива Паланка итно и неодложно да пристапи кон затворање на зелениот пазар и повеќенаменските игралишта со кои стопанисува, за целиот период додека траат мерките за превенција од ширење на болеста.

 – Да се воспостави телефонска линија на која што граѓаните во поодмината возраст и во состојба на изнемоштеност ќе пријавуваат потреба од достава на лекови, средства за дезинфекција и храна, за чијашто набавка самите ќе го преземат трошокот, а кои што ќе бидат доставувани од страна на волонтери на ОО на Црвен Крст Крива Паланка и други субјекти активно вклучени во оваа активност.

 – Да се даде препорака до образовните установи во соработка со Министерството за образование за воведување на online настава доколку за такво нешто има можност и потреба, а во функција на тоа, учениците кои не посетуваат редовна настава да бидат задржани превентивно во нивните домови, но и надокнадување на веќе изгубеното градиво, како последица од мерките за укинување на редовната настава.

 – Да се побара и инсистира од Владата на Република Северна Македонија, преку ресорните министерства да набави и достави до сите институции на територијата на Општина Крива Паланка поголема количина на заштитни маски, заштитни ракавици и средства за дезинфекција.

 – Да се даде препорака до сите бензински пумпи и други деловни субјекти долж патниот правец Деве Баир – Крива Паланка и Крива Паланка – Куманово, во своите работни простории да извршат соодветна дезинфекција, да постават средства за лична дезинфекција на вработените и корисниците на услуги, како и да набават за своите вработени соодветна количина на заштитни маски и заштитни ракавици, кои задолжително да ги користат во своето секојдневно работење.

 – Да се даде итна препорака до сите институции и установи на територијата на Општина Крива Паланка да ги ажурираат своите Планови за заштита и спасување, како и да го ажурираат персоналниот состав на своите кризни штабови.

ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА
Градоначалник
Борјанчо Мицевски

Големина на фонт
Контраст