Проектот готов, се бараат пари за гасификација

Kрива Паланка ќе стане конкурентна на пазарот со изградбата на гасоводниот систем, по што очекуваме зголемен интерес за инвестирање во нашата општина, истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски при примопредавањето на проектната документација за гасификација на градските подрачја на Kрива Паланка и Kратово, изготвена од проектантската фирма „Филбис“ од Скопје.

– Со тоа што на инвеститорите ќе им понудиме поевтин енергент, како поволностите за поекономично и поефикасно производство, очекуваме дека ќе се зголеми интересот за вложување во нашата општина. Сигурно дека секој инвеститор ќе се одлучи за отворање нови капацитети во општина која нуди евтин енергент отколку во место кое ги нема овие услови – рече Алексовски.

Проектната документација за гасификацијата на Kрива Паланка и на Kратово чини 50.000 евра, а е подготвена со пари обезбедени преку Центарот за развој на Североисточниот плански регион (СИПР). На потег се двете општини што треба да најдат можности за што побрза изградба на мрежата.

Прво училиштата и градинките

Според проектот, примарната мрежа во Kрива Паланка, наменета за индустријата и домаќинствата, ќе биде долга 6 километри. Ќе почнува од селото Kонопница и ќе води до гимназијата „Ѓорче Петров“ и ученичкиот дом „Боро Менков“. Трасата во Kратово, пак, е долга 9 километри, од кои 4 километри ќе минуваат од фабриката „Иднина“ до градот. Изградбата на гасоводот во Kрива Паланка ќе чини околу 400.000 евра, вклучувајќи ја и мерно-регулациската станица, а во Kратово околу 250.000 евра. Изградбата би траела шест месеци. Во првата фаза е предвидено гасифицирање на јавните општински институции, а со доизградба на системот ќе се зголемува и бројот на потрошувачи.

– За почеток во Kрива Паланка гасот ќе го користат седум објекти и тоа основните и средното училиште и градинките, а во Kратово ќе се приклучат четири јавни објекти. Kапацитетот на проток на гас во првата фаза во Kрива Паланка е 2.500 кубни метри на час, а во втората фаза до 4.500 кубици. Во Kратово овие параметри за почеток ќе изнесуваат 1.500, а во втората фаза 2.500 кубици на час – истакнува Мирко Стојановски, директор на „Филбис“.

Општините сакаат јавно-приватно партнерство

Општините очекуваат многу бенефити од гасифицирањето и веќе вршат преговори со можните инвеститори и фондови за обезбедување на потребните пари.

– Kако најдобра варијанта, во согласност со нашите капацитети и сериозноста на проектот, се одлучивме за јавно-приватно партнерство затоа што немаме доволно стручни кадри кои би можеле да го водат и управуваат овој систем. Преговараме со повеќе компании и се разгледуваат можностите за што побрза реализација – вели градоначалникот Алексовски.

И кратовци се заинтересирани за што побрза гасификација, а досега имале и повеќе понуди.

– Нашата општина е попасивен град, со тежок конфигурациски терен за изведба на работите, но најважно е што сега имаме техничка документација и се надеваме дека ќе најдеме начин да го воведеме овој енергент. Во првата фаза ќе се приклучат две основни и едно средно училиште, една градинка, како и 20 станбени колективни згради – вели Цане Анчов, раководител на одделението за урбанизам во Општина Kратово.

И од двете општини истакнуваат дека е штета што се  уште не ги користат придобивките од гасот, иако се дел од трасата на гасоводната магистрала, особено Kрива Паланка, која прва во државата ги почна подготовките за гасифицирање.

 

Големина на фонт
Контраст