Промовирана монографијата „Доајени на физичката култура и спорт во Крива Паланка“

Денес во големата сала на општина Крива Паланка, пред многубројна публика, се одржа свечена промоција на монографијата „Доајени на физичката култура и спорт во Крива Паланка“ од проф д-р Јордан Михајловски. Рецензент и промотор на ова значајна публикација беше м-р. Велин Стојановски.

Монографијата „Доајени на физичката култура и спорт во Крива Паланка“ е всушност продолжение, или втор дел од веќе објавената публикација од истиот автор „Историја на спортот во Крива Паланка 1912-2018“ со што се заокружува една историска приказна за гензата на големата авнтура на спортот, која во овие простори трае повеќе од еден век.

Како што ќе рече самиот автор, професорот Михајловски, оваа монографија е своевидна епопеја  на еден невиден ентузијазам на бројни млади спортисти од кривопалнечко, од кои дел оствариле и вонсериски резултати значајни за локалната, македонската и европската спортска историја. А, замислата за изготовка на оваа монографија, е да се направи историски пресек на развојот на физичката култура, со акцент на развојот на спортовите-секој поединечно, да се прикажат успесите и биографиите на локалните спортисти кои го задолжиле паланечкиот и македнскиот спорт.

Ова е прв ваков обид преку запишана спортска приказна, исполнета со прекрасни спортски ликови, биографии и успеси,  на хронолошки и документиран начин да се прикаже целината на спортскиот живот и спортската историја во Крива Паланка.

Монографијата е објавена во соработка со здружение Регионален центар за одржлив развој „ЕГРИ“ и со поддршка на Здружението на пензионери Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст