Во Крива Паланка се одржа дебата за сообраќајната култура и безбедност во сообраќајот

Здружението Норгес Вел од Крива Паланка и НВО Инфоцентар од Скопје, а во соработка со Општина Kрива Паланка, денес  организираа  дебата за развојот на сообраќајната култура и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Во дебатата се вклучија претставници  на општината, членови на Совет за безбедност во сообраќајот,  јавните и образовни институции, невладини организаци, како и претставници од полицијата, а тема на дискусија беше: „Граѓанско учество во позитивни сообраќајни практики и култура на однесување”.

– Ова е акција која ја реализираме под мотото „Пази не ме гази”,  со која укажуваме дека сите сме одговорни како учесници во сообраќајот, сите имаме исти права и обврски и сите учиме едни од други. Оттука и целокупната одговорност на секој учесник во сообраќајот за подигнување на свеста кај граѓаните за позитивни практики.Токму со овој проект дебатираме во функција на развој на сообраќајната култура, давајќи поголемо значење на оваа тема, како и изнаоѓање модули за подобрување на сообраќајната култура во градот преку сите инволвирани страни, изјави Даниела Анастасовска, координатор на проектот.

На настанот се обрати и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а говореа и помошник-командирот за превенција и јавен ред и мир во Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка, Стојмир Стефановски, како и претставници од советот на родители од основните училишта.

-Многу важно за подобрување на состојбите во сообраќајот и за културата на однесување на сите учесници во сообраќајот, е да се говори јавно, да се разговара за актуелните проблеми  и да се изнаоѓаат начини за нивно успешно надминување.  Во таа насока, ние како служба во сервис на граѓаните, го спроведуваме проектот „Полицијата и граѓаните заедно”, чијашто цел е да се зближат граѓаните со полициските служби,  да соработуваат и да се мотивираат граѓаните да ги  пријавуваат сите забележани непрописни однесувања, сите небезбедни ситуации, прекршоци и останато. Повиците можат да бидат и анонимни, важно е граѓаните да имаат одговорност кон другите, а тргнувајќи од себе, изјави Стојмир Стефановски, помошник-командир за превенција и ЈРМ.

Дебатата заврши со нотирани предлози и идеи и со  позитивна нота и  заложби од сите присутни за понатамошно учество и давање придонес и на други собири од сличен карактер.

Големина на фонт
Контраст