Во Крива Паланка се оддржа прес-конференција за медиумска писменост и креирање критички став

Во големата сала на општина Крива Паланка, денес се оддржа промотивна прес конференција од проектот „Медиумско описменување за  критичен младински став“, кој го спроведува Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во соработка со медиумскиот партнер-веб порталот „Аберџија“ од Кратово и основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“  од Крива Паланка, „Христијан Тодоровски Карпош“ од Ранковце и „Кочо Рацин“ од Кратово.

Целта на проектот е креирање на критички став и младински активизам за позитивни општествени промени, преку медиумска писменост кај учениците од основните училишта, а како целна група се опфатени учениците од 9-те одделенија од  4-те наведени основни училишта.

На настанот се обратија градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, директорите на основните училишта „Илинден’’- Марица Николовска, „Христијан Тодоровски Карпош’’-Христина Младеновска, претставник од НВО Инфоцентар, Елена Симоновска и Ирена Белешковска, новинар на МИА. Во нивните излагања  беше потенцирана важноста од правилно едуцирање на младите во насока на иницирање на критичко размислување и  градење на критички ставови заради препознавање на објективната и вистинита информација во напливот на лажни вести креирани и фабрикувани од манипулативни центри.

Со проектот предвидено е да се одржат четири работилници и едукативни сесии за безбедност на интернет содржините, ќе се спроведат анкети за евалуација, ќе бидат изработени десет прилози и десет видео пораки од младите, а ќе се реализираа и по една младинска акција во секое од училиштата.

Проектот „Медиумско описменување за критичен младински став“ се спроведува со поддршка на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“- Центар за европски стратегии, во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк“, финансиран од Европската Унија, ќе се реализира во период од шест месеци, со финансиски средства од околу пет илјади евра.

Големина на фонт
Контраст