Денот на ослободувањето прославен со повеќе свечености

Денот на ослободувањето на Крива Паланка „8-ми Октомври“ беше одбележан со повеќе општински свечености, на кои присуствуваа голем број гости од општината, од соседните и од збратимените градови од другите држави.

На свечената седница, поздравен говор одржа градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој нагласи дека присуството на повеќе европски партнери зборува дека Крива Паланка успешно ги гради капацитетите и веќе користи дел од придобивките на европските програми. Истовремено, Алексовски се осврна и на  историјата и славните настани од  минатото, како особени белези и темел за развојот на општината и значаен придонес во градењето на независноста, демократијата и самостојноста на градот и на државата.

(Говор на градоначалник Арсенчо Алексовски, по повод Денот на ослободувањето на Крива Паланка)

 

На свечената седница беа потпишани и договори за соработка со градоначалникот на општина Лугож од Романија, Францис Болдеа и со Катажина Кашуба, советник на градоначалникот на полскиот град Млава, како дел од постапката за збратимување со новите европски партнери.

 

Општинска делегација положи венци и свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ, а по повод општинскиот празник свечено беа пуштени во употреба и новоизградената улица во населбата Бегови Бавчи и улицата  „Коце Металец“.

Во Градскиот музеј, пак, покрај настапот на старограскиот состав „Распеани Кривопаланчани“, беше промовиран и романот „Рани“ од кривопаланчанката по потекло Анка Јакимовска од Пландиште. Делото, објавено на македонски и српски јазик, во издание на Македонската национална заедница од Србија, го промовираше проф. Стеван Србиновски, а на присутните им беа подарени и македонските списанија, кои ги издаваат нашите иселеници во оваа соседна земја.

 

По повод празникот во Н.У. Центар за култура беше поставена изложба на ракотворби од вештите кривопаланечки жени, проект реализиран во соработка со Министерството за култура.

 

За значајните  постигања и особени резултати, Општина Крива Паланка  ги додели и осмооктомвриските награди, кои ги добија Филип Стојановски, ученик во СОУ„Ѓорче Петров“, Добри Јовевски, наставник во ОУ„Илинден“, Марија Спасовска-каратистка и Карате клубот „Шампион“.

Осмооктомвриски признанија им беа доделени на МПЦ-Манастир „Свети Јоаким Осоговски“, Центарот за култура, компаниите „Индо минерали и метали“, „Кадоро Ото“ и на Делегацијата на ЕУ за соработка со општина Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст