Пет вечери исполнети со театарска магија

Во изминатите пет дена граѓаните имаа можност да уживаат во театарската магија на Третото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“. Следуваат уште претставите на Народниот театар Стерија од Вршац, Република Србија и  на Драмското студио при СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.

Фестивалот започна  со овогодишниот лауреат на наградата за животно дело актерката Шенка Колозова. За нејзините актерски и авторски остварувања говореше писателот, театарски критичар и уметнички директор на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип, г-н Трајче Кацаров, а претставувањето на Колозова  беше наградено  со огромен аплауз од публиката.

 

На првата фестивалска вечер настапи Културниот центар „Скрб и утеха“ со изведба на претставата „Џамалари Дионис“ во која настапија Тихомир Стојановски и Страшко Милошевски.

 

На втората вечер, 16 септември, настапија гостите од Градски театар Јазавац од Бања Лука, Република Босна и Херцеговина. Тие ја изведоа претставата Како да ја убиеш сопругата и зошто, во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е комедија која има за цел да го скрене вниманието на вонвременските проблеми во односите меѓу мажот и жената и односите во бракот. Комедијата наиде на вонреден прием кај публиката, која им ракоплескаше на актерите за време на нивната драмска презентација.

Третата фестивалска вечер беше во знакот на претставата Принцот Фортинбрас на Народниот театар при НУ Центар за култура Ацо Шопов од Штип.

Наредната вечер следуваше претставата Лесно парче на Културниот центар Акорд Никшиќ, Република Црна Гора. Текстот е на Небојша Ромчевиќ, а во режија на Драган Кнежевиќ.

Петтата фестивалска вечер беше во знакот на  Општинскиот театар Невена Коканова од Дупница, Република Бугарија кои ја изведоа претставата Квартет за двајца.  Претставата е комедија на Анатолиј Крим,  во режија на Махаил Саказов.


Големина на фонт
Контраст