Претставници од Општина Крива Паланка остварија посета на Р.Словенија

Во периодот од  18-22.04.2011 година, претставници на Општина Крива Паланка беа во работна посета на Република Словенија, како дел од екипата на Североисточниот Плански Регион, составена од претставници на општините Липково, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Куманово.

Работната посета е дел од предвидените активности во рамките на проектот  „Придобивки од проширувањето на Европската унија за регионалниот развој“ кој Центарот за развој на Североисточниот плански регион го спроведува заедно со Центарот Литија, Република Словенија од јануари 2011. Проектот е во рамките на Програмата „Европа на граѓаните“, а е кофинасиран од Европската комисија.

Претходница на ова патување беше и работната посета на градоначалниците на општините од СИПР,  а за крајот на јуни се предвидува и возвратна посета на словенечките градоначалници од регионот Литија, на нашиот СИП регион.

Во рамките на  оваа посета претставниците на општинските администрации имаа можност да се запознаат со позитивните практики на словенечките општини во реализација на ЕУ-фондовите.

 

Регионот Литија има десетгодишно искуство во реализација на проекти од областа на руралниот развој, за кои користи средства од европските фондови. Проектите обработуваат различни области,  почнувајќи од културата,  спортот, па до користење алтернативни извори на енергија и развој на локален туризам.

 

Планските региони во Словенија функционираат врз основа на локални акциони групи. Регионот Литија и Североисточниот плански регион ќе продолжат со соработка преку взаемни посети.

Големина на фонт
Контраст