Претставници од ООУ „Јоаким Крчовски” во посета на ОУ „Ембајадорес” – Томелосо, Шпанија

Во рамките на Еразмус+ проектот “Мојата мала Европа”, 4 наставници од ООУ “Јоаким Крчовски” од Крива Палана го посетија ОУ „Ембајадорес” – Томелосо, Шпанија од 05 до 10 март 2018.

Ние, претставниците од партнерските земји бевме весело пречекани со фолк шоу подготвено од учениците од училиштето, со свирење на химните на сите земји партнери во проектот и со веење на знамињата на сите земји учеснички во проектот. Прекрасно е чуството да се слушне химната на својата земја далеку од домата  и да се видат развиорени знамињата на Македонија помеѓу учениците од Шпанија.

По прекрасната изведба на Макарена тргнавме во разгледување на училиштето кое потсетуваше на еден замок од Шпанските приказни. Ходниците украсени со симболите на витезите и на Дон Кихот испреплетени со моменталните активности на наставниците и учениците на училиштето му даваа дополнителна убавина на целиот простор.

Домаќините ни ги покажаа ветерниците кои Сервантес ги спомнал во својот роман Дон Кихот. Тие беа огромни споменици на врвот на планината кои потсетуваа на животот во Шпанија во минатото. Ни ја покажаа и најголемата фабрика за вино “Осборн” во Европа со кој се гордеат сите бидејќи им носи приходи на многу семејства кои живеат во Томелосо но и пошироко во областа. Ни покажаа и многу интересни музеи и стари куќи сите во знакот на виното и одгледувањето на грозјето.

Пречекот во општинската зграда на Томелосо од страна на градоначалничката г-ѓа Јименез беше многу срдечен. Градоначалничката не поздрави сите и ни посака убав престој тука но не заборави да каже неколку убави зборови и за своите сограѓани. Таа рече дека тука живеат многу вредни и чесни луѓе и дека се многу горди на тоа.

Во училиштето присуствувавме на часови и работевме во групи со учениците. Часовите беа забавни а учениците пресреќни бидејќи запознале наставници од цела Европа.

Го посетиме и градот Аргамасиља де Алба кој се смета дека најмногу е поврзан со првиот дел од најпознатиот шпански роман Дон Кихот. Го посетивме и затворот во куќата Медрано каде се смета дека Сервантес напишал дел од својот роман. Исто така посетивме и други места споменати во овој роман како и спомениците посветени на оригиналниот Дон Кихот како и на плагијатот на истоимениот роман.

И покрај дождот не застанавме во истражувањето на природните убавини на областа. Езерата Руидера изгледаа прекрасно а природната убавина околу нив не остави без зборови.

Го посетивме и Толедо, некогашниот најголем и најважен град во Шпанија. Неговата историја може многу да не научи. Како е возможно да живеат сите три религии заедно муслиманската, христијанската и еврејската. И покрај сите проблеми на кои наидувале, сепак луѓето во Толедо наоѓале начин да продолжат да живеат заедно и да си помагааат едни на други без разлика на својата вероисповед. Но овој град не плени и со својот изглед исто толку многу колку и со својата историја. Градбите беа средновековни но животот модерен и забрзан како и во сите големи градови во Европа.

Оваа недела беше исполнета со активности од утро до мрак но сепак не беше доволна да ги видиме сите убавини на овој дел од Шпанија. Сепак успеавме да почувствуваме дел од начинот на живот и размислувањето на луѓето од Томелосо и околината кој по многу работи се разликува од нашиот.    

Домаќините не испратија со традиционални шпански специјалитети и танци. Фламенго танцот беше поздрав до следното видување и следните дружења.

Координатор на проектот: “Мојата мала Европа“ со регистарски број: 2016-PL01-KA219-026498_6

Тања Димитровска-Шкрбиќ

   

Големина на фонт
Контраст