Заштитено подрачје на Осоговските Планини

Во рамките на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас“ на 04.02.2011 во Крива Паланка се одржа состанок на градоначалниците од осоговскиот регион.  Предмет на состанокот беше документот „Информација за предлог за заштитено подрачје на Осоговските Планини“. Во процесот на разгледување на документот од страна на клучните чинители во општините се јави потребата од дополнителни консултации со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и тимот од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Состанокот го отвори градоначалникот на општина Крива Паланка г-дин Арсенчо Алексовски по што, тимот на МЕД на кратко повторно го презентираше предлогот за заштитено подрачје, границата на подрачјето, значењето на поодлените зони и на предлог категоријата. Процесот на прогласување на заштитено подрачје од пониска категорија беше исто така разјаснет, односно дека V категорија – заштитен предел се прогасува од владата на Република Македонија, дека зонирањето дополнително се дефинира по прогласувањето на подрачјето и дека оваа прелиминарно зонирање само ни дава можност навреме да дискутираме околку усогласување на интересите и ставовите помеѓу клучните страни. Потенцирано беше дека целта на овој предлог е во наредниот период заеднички истиот да го подобриме и да го направиме поприфатлив за сите.

Потоа дискусијата продолжи во насока на укажување на можните проблеми кои можат да се јават во одредени зони, притоа потенцирани беа иницијативите за развој на локалната самоуправа и потребата од изнаоѓање на можности и начини за вклопување на истите во заштитеното подрачје.

Во текот на излагањето градоначалникот на Крива  Паланка, г.Арсенчо Алексовски,  даде предлог да се земат предвид веќе отпочнатите истражувања за нови концесии во близина на зоната за строга заштита близу врвот Сокол како и концесијата за мали хидроцентрали близу Градешки Дол. Исто така како проблем посочен беше и јамскиот поткоп непосредно под самиот врв Руен на висина од 1860 м.н.в. назначен како поткоп бр. 5  кој активно функционира во склоп на рудникот за олово и цинк Тораница. Понатаму беше истакнато и дека близу врвот Калин Камен кој е од особен развоен интерес за Општината Крива Паланка се предвидени простори за туристичка викенд населба, влашка етно населба и спортско рекреативен ски-центар.

По изнесување на општинските развојни планови и иницијативи во дискусијата се вклучи проф. Љ. Меловски кој предложи на лице место да се погледнат спорните точки, по што се увиде дека поголем дел од планираните проекти иако се во близина, не навлегуваат во строго заштитената зона. Деловите каде има навлегувања во строго заштитената зона можат да бидат моделирани на начин на кој нема да се коси со интересите на општината и нема да влијае негативно на потребите и целите на проектот.

„Сепак неопходно ќе биде горе наведените концесии да се изанализираат детално, за да може подоцна соодветно да се искартираат по што ќе се утврди точната локација и степенот на влијание врз самите зони“, рече проф. Љ. Меловски.

„Општина Крива Паланка го вреднува и го цени природното богатство на Осогово, но сепак смета дека потребата и плановите за локален економски развој на општината Крива Паланка, како една од помалку развиените општини во Р. Македонија, не треба да бидат занемарени“, рече Бранко Велиновски, координатор на проектот за општина Крива Паланка.

Разгледувањето на дилемата околу строго заштитените  зони кај Крива Паланка – Калин Камен, Сокол и Руен отпочна со иницијалното излагање на кое градоначалникот ги посочи начините на кои општинските интереси би можеле да се косат со предлог зоните во предлог заштитеното подрачје. Излагањето премина во конструктивна дискусија на крајот од која ставовите на Општина Крива Паланка се  доближија  или пак целосно се  усогласија ставовите на МЕД.

Како заклучок на горенаведените прашања и дискусии, а на предлог на претставниците од Општина Крива Паланка, произлезе дека е потребно да се направи  документ во кој сите досегашни студии ќе бидат сумирани. Документот би бил од голема корист на општините и ќе овозможи природните богатства да бидат вклучени при конструирање на идни развојни општински планови и иницијативи. Исто така на крајот од дискусијата општините изразија потреба од спроведување на јавни расправи (форуми) кои можат да се одржуваат заеднички или во секоја општина пооделно.

Предлогот за заштитено подрачје на Осоговските Планини

Големина на фонт
Контраст