Интензивирање на соработката помеѓу Општина Крива Паланка и МЗШВ

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски денеска оствари работен состанок  со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

На состанокот, Мицевски  и Николовски  ги  дефинираа  приоритетите во однос на соработката на Општината Крива Паланка и  МЗШВ, во делот на земјоделството и руралниот развој.

Министерот Николовски посочи дека МЗШВ ќе биде отворено за соработка со градоначалникот Борјанчо Мицевски и локалната самоуправа на Крива Паланка, со поддршка преку мерките од Програмата за рурален развој, за кои општината може да аплицира.

Дел од мерките од оваа Програма,  како што се мерките за „Изградба на локална патна инфраструктура“, „Изградба на водоснабдителни и канализациони системи“, „Изградба на објекти и набавка на опрема за организирање на продажба на жив добиток во руралните средини“, „Изградба на објекти и опрема за домови за деца и млади и домови на култура во населени места во руралните средини“, се од особено значење за развојот на општината, и се од интерес за сите граѓани на Крива Паланка.

Особено значајна е мерката за финасиска помош на млади земјоделци да започнат сопствен бизнис, која ќе продонесе за спречување на миграцијата на младите луѓе и за унапредување на земјоделството, преку внесување на нови и модерни технологии.  

Искористувањето на овие мерки ќе доведе до подобрување и унапредување на условите за живот во општината. 

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски го изрази своето особено задоволство од интензивирање на соработката и поддршката од страна на МЗШВ до локалните самоуправи преку Програмите, се со цел подобрување и  унапредување на локалниот и руралниот развој на општините.

 

 

Големина на фонт
Контраст