Промотивна прес конференција на проектот „СТЕПС-Поддршка на претприемништвото и популаризирање на услугите во туризмот“

На 10 јануари 2017 година, во малата сала на општина Крива Паланка се одржа промотивна прес конференција на проектот „СТЕПС-Поддршка на претприемништвото и популаризирање на услугите во туризмот“, финансиран од ИНТЕРРЕГ-ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Проектот го спроведува Регионалниот центар за соработка „Спектар“ од Крива Паланка во партнерство со Младинскиот општински совет од Ќустендил, Бугарија.

– Проектот предвидува зголемување на квалитетот на туристичките услуги  во прекуграничниот регион преку подобрување на квалификациите и стимулирање на претприемништвото, а целна група се млади над 18 години, невработени и студенти од Североисточниот регион на Македонија и Ќустендилската област, истакна претседателот на РЦС „Спектар“, Методи Цветковски.

Според него, при подготовката на проектот  направено е истражување во областа на претприемништвото во двата региона, при што се констатирани потешкотиите и предностите во областите од двете страни на границата. Предвидена е и изработка на акциски план за поддршка на претприемништвото во туризмот, врз основа на што ќе се градат соодветни туристички продукти.

– Ќе има и специјализирани обуки за млади претприемачи во туризмот од двата региона, он-лајн плаформа за одредени понуди во областа на туризмот и он-лајн консултации со достапност на експерти во областа одреден период, кои ќе им помогнат на сите што сакаат да ги развиваат постоечките бизниси или да отворат нови компании-дополни Цветковски.

Активностите од проектот ќе се заокружат со настан за создавање мрежа на млади претприемачи во областа на туризмот.

– Ова е перспективна и една од најпродуктивните области во двата региона, која доколку добро биде развиена ќе придонесе за голем профит и бенефит на областите. Се надевам ова ќе придонесе и за поголема туристичка понуда и генерирање работни места. Особено сме благодарни за поддршката која ја имаме од локалната самоуправа на Крива Паланка, потенцира Цветковски.

Проектот ќе трае 15 месеци, а инаку ова е четврти по ред проект на „РЦС Спектар“, финансиран од ИПА програмата, насочен кон економски развој и создавање услови за подобра соработка меѓу двата региона. Претходниот проект, кој овозможи соработка меѓу винарите од двете држави, се најде меѓу 10-те најуспешни добри практики во рамки на ИПА проектите на ЕУ од претходниот повик.

_DSC0075 _DSC0060

Големина на фонт
Контраст