Две вечери по ред Крива Паланка живееше во ритамот на фолклорот. Со звуците на народната песна, шаренилото на носиите и искрените детски насмевки, Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Паланечка тројка“ уште еднаш покажа дека традицијата најубаво се чува кога се пренесува на најмладите.
Фестивалските денови започнаа со свечено дефиле низ градските улици, при што учесниците го претставија богатството и колоритната убавина на македонската фолклорна традиција.
Во текот на двете фестивалски вечери, повеќе од 200 деца настапија пред бројната публика, покажувајќи дека македонската песна и народното оро продолжуваат да живеат и да се пренесуваат од генерација на генерација. Секој настап беше приказна за љубовта кон татковината, почитта кон корените и гордоста што ја носи народната носија.
Публиката имаше можност да ужива во настапи исполнети со детска искреност, ведрина и љубов кон фолклорот. Секоја изведба беше потсетник дека македонската традиција не е само спомен од минатото, туку жива вредност што продолжува да расте преку новите генерации.
Општина Крива Паланка упатува искрена благодарност до сите учесници, фолклорни ансамбли, родители и посетители, кои со своето присуство, посветеност и ентузијазам придонесоа „Паланечка тројка“ и оваа година да биде вистински празник на детскиот фолклор, песната, играта и пријателството.




