Соопштение за одржана јавна расправа по Завршната сметка на Буџетот на Општина Крива Паланка за 2025 година

На 18.02.2026 година, Општина Крива Паланка одржа јавна расправа по Завршната сметка на Буџетот на Општината за 2025 година, како дел од заложбите за транспарентно, отчетно и инклузивно управување со јавните финансии.

На јавната расправа присуствуваа околу 80 лица, меѓу кои заинтересирани граѓани од локалната заедница, претставници на здруженија на граѓани, претставници на локални јавни установи, јавни претпријатија и институции и организации, како и претставници на општинската администрација.

Во дискусијата активно учество зедоа претставници на спортски здруженија и клубови, здруженија кои дејствуваат во областа на културата, образованието, социјалната заштита, младинските политики, заштитата на животната средина, лицата со попреченост, локалниот економски развој и други активни здруженија на граѓани кои придонесуваат за развојот и унапредувањето на локалната заедница.

На јавната расправа учествуваа и претставници на ЛУ „Градски музеј“ – Крива Паланка, ЈП „Комуналец“ – Крива Паланка, ООУ „Илинден“, ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, Домот за ученици „Боро Менков“, како и претставници на други јавни институции.

Пред присутните беше презентирана Завршната сметка на Буџетот на Општина Крива Паланка за 2025 година, со осврт на реализацијата на буџетските приходи и расходи, спроведените програми и реализираните активности во текот на 2025 година.

Во текот на расправата учесниците дадоа свои мислења, предлози и сугестии во однос на реализацијата на буџетот, приоритетите за локален развој и потребите на граѓаните, при што беше истакнато значењето на партнерскиот однос меѓу локалната самоуправа, јавните институции и граѓанскиот сектор во креирањето на развојните политики на општината.

Општина Крива Паланка и понатаму останува посветена на принципите на транспарентност, отчетност и активно учество на јавноста во процесите на планирање, реализација и следење на општинските политики и финансиското работење, со цел создавање поквалитетни услови за живот и одржлив развој на локалната заедница.