Соопштение за реализирана мерка за субвенционирање на трошоци за органско производство

Во рамки на Програмата за локален економски развој за 2025 година, Општина Крива Паланка имплементираше мерка за поддршка на локалните производители на органска храна, преку објавување повик за прибирање барања за субвенционирање на трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификационо тело.

Мерката беше наменета за поддршка на локални сертифицирани земјоделци кои се занимаваат со производство на органска храна. На повикот беа поднесени вкупно 15 исправни и уредни барања од локални сертифицирани производители на органска храна, при што сите апликанти ќе бидат субвенционирани во износ од 50% од вкупниот трошок направен за сертификација од акредитирано сертификационо тело.

Со реализацијата на оваа мерка, Општина Крива Паланка, во рамки на своите надлежности, вложува напори за поддршка на локалните производители на храна, со цел зголемување на бројот на органски производители во иднина, подобрување на квалитетот на локалната храна и збогатување на понудата.

Интенцијата на општината е унапредување на локалниот економски развој, зголемување на квалитетот и конкурентноста на локалната храна, како и раст на приходите во локалната економија. Ги мотивираме и останатите земјоделци да се вклучат во процесот на органско производство.

Во текот на годината, Општина Крива Паланка планира да имплементира и други мерки за поддршка, за кои се очекува да придонесат кон унапредување на локалното земјоделство.

Големина на фонт
Контраст