Граѓаните активно вклучени во креирањето на родово одговорниот општински буџет за 2027 година

Општина Крива Паланка спроведе родово одговорен буџетски форум за креирање на буџетот на Општината за 2027 година, кој овозможи директно учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво, транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самоуправа.

Во рамки на форумот, стручните служби на Општината ги презентираа реализацијата на буџетот и буџетските приоритети за 2026 година, заклучно со 30 септември, како и проекцијата на буџетот и програмските планирања за 2027 година.

Презентациите поттикнаа активна и конструктивна дискусија, во која присутните ги изнесоа своите размислувања, потреби и конкретни предлози. Во продолжение, оперативната група пристапи кон нивно групирање и анализа, како основа за понатамошно разгледување во процесот на буџетско планирање. На крајот на форумот, од страна на модераторот, беше дадена заклучна информација, како и утврдување на следни чекори и затворање на форумската сесија.

Како родово одговорен процес, буџетското планирање има за цел да ги препознае и земе предвид различните потреби, можности и приоритети на жените и мажите, девојчињата и момчињата, придонесувајќи кон порамномерна распределба на јавните средства и креирање политики што одговараат на потребите на сите граѓани.

За да овозможи пошироко и непосредно учество на различните целни групи, Општина Крива Паланка и годинава обезбеди дополнителни механизми за вклучување преку онлајн анкета и отворени денови за идеи и предлози. На тој начин, сите заинтересирани граѓани имаат можност да дадат свој придонес во креирањето на општинскиот буџет за 2027 година, независно од нивното присуство на форумската сесија.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, упати благодарност до присутните граѓани за нивното учество и проактивност, како и до модераторот Лидија Митовска, оперативниот тим на Општината и раководителите на секторите и одделенијата за нивниот ангажман и придонес во реализацијата на форумскиот процес.

Со ваквиот пристап, Општина Крива Паланка ја потврдува определбата за транспарентно, отчетно и инклузивно управување, во кое граѓаните не се само корисници на јавните услуги, туку активни учесници во креирањето на локалните политики и донесувањето на одлуките што го определуваат идниот развој на заедницата.