Детската љубопитност во потрага по одговори: учениците од ООУ „Илинден“ во посета на Општина Крива Паланка

Како функционира една општина, кои се надлежностите на градоначалникот и што се случува зад вратите на општинската администрација? Ова беа дел од прашањата што денес ги поставија учениците од ООУ „Илинден“ при посетата на Општина Крива Паланка, реализирана во рамки на наставните активности за запознавање со работата на локалната самоуправа.

Преку непосреден разговор со градоначалникот Сашко Митовски и запознавање со работата на општинската администрација, учениците имаа можност одблизу да дознаат за тоа, како се носат одлуките, кои се секојдневните обврски и предизвици на локалната власт и како таа одговара на потребите на граѓаните.

Со искрена љубопитност и низа интересни прашања, малите посетители го поттикнаа разговорот и за одговорноста што ја носи функцијата градоначалник, но и за тоа што е потребно за да се стане „прв човек“ на една општина.

„Нашата главна мотивација е да создадеме подобри услови за вас, младите. Затоа ја градиме Крива Паланка како дом, најубаво место за живеење на сите генерации“, истакна градоначалникот Митовски.

Посебна возбуда кај учениците предизвика можноста да ги посетат и административните простории во општината и директно да се запознаат со дел од општинската администрација, нивните активности и надлежности.

Средбата беше можност децата преку непосредно искуство да ја запознаат работата на институциите, но и да разберат дека интересот, прашањата и активното учество на младите се важен дел од животот на секоја заедница.

 

заедница.