Работната недела во Општина Крива Паланка започна со една поинаква и особено драга средба. Учениците од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ беа гости на градоначалникот Сашко Митовски, со кого разговараа за градот, неговиот развој и за идеите што ги носат во своите мали, но љубопитни светови.
Средбата помина во пријатна и непосредна атмосфера, исполнета со детска искреност, бројни прашања и интересни размислувања. Учениците со нескриена љубопитност отвораа теми, споделуваа сопствени видувања и предлагаа идеи, а секое прашање отвораше простор за нов разговор и нова перспектива.
Токму во тие спонтани разговори, во детската креативност и слободата да се размислува поинаку, се крие и посебната вредност на ваквите средби. Зашто, кога ќе му дадеме простор на детскиот глас, градот го гледаме од поинаков агол – низ очите на оние што допрва го откриваат, го доживуваат и сонуваат каков сакаат да биде.
Градоначалникот Сашко Митовски им се заблагодари на учениците за посетата, убавите идеи и позитивната енергија со која го започнаа работниот ден, посакувајќи ваквите средби да продолжат и во иднина.
Понекогаш, најубавиот почеток на работната недела не е во плановите и обврските, туку во искрените детски прашања, насмевките и идеите што нè потсетуваат колку е важно да ги слушаме најмладите.




