Засадени 200 нови јавори на кејот на Крива Река – нов дрворед за едно од омилените градски шеталишта

Кејот на Крива Река доби нов дрворед од 200 јавори, со што еден од најпрепознатливите и најпосетувани јавни простори во Крива Паланка добива ново зеленило и уреден изглед.

Акцијата за засадување ја реализираше Општина Крива Паланка, со активно учество на градоначалникот Сашко Митовски, вработени во општинската администрација и ЈП „Комуналец“, како и претставници на здружението „Паланечки акцијаши“ и ПТТ Крива Паланка. Садниците од видот јавор платан ги обезбеди компанијата „Розен“, чии претставници исто така се вклучија во активноста.

„Кејот на Крива Река е срцето на нашата убава Крива Паланка. Тука ги носиме децата на прошетка, тука се среќаваме со пријателите и со гордост им го покажуваме градот на нашите гости. Со секој јавор што го засадивме, оставаме нешто што ќе расте со нашите деца. Еден ден, под овие крошни, тие ќе ги шетаат своите деца“, истакна градоначалникот Митовски.

Во рамки на уредувањето, дрвјата отстранети од овој потег ќе бидат пресадени во горниот дел на градското подрачје, со што ќе се зачува и нивната вредност и ќе се продолжи грижата за зелените површини во градот.

Со оваа заедничка акција, покрај уредувањето на кејот, се испраќа и порака за значењето на соработката и заедничкиот придонес во создавањето поубава и позелена животна средина.

Општина Крива Паланка упатува благодарност до сите учесници и поддржувачи кои придонесоа за реализација на акцијата.