Општина Крива Паланка комплетно ја заврши реконструкцијата на патниот правец, од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ до туристичкиот локалитет Калин Камен, проект кој е еден од најзначајните инфраструктурни зафати со директен импакт врз развојот на туризмот во регионот.
Реализацијата на проектот претставува важен чекор во создавањето подобри услови за развој и промоција на туристичкиот потенцијал на Калин Камен, овозможувајќи полесен и побезбеден пристап за посетителите, но и нови можности за развој на локалната економија и туристичката понуда на Крива Паланка.
Реконструкцијата опфати делница во должина од околу 6 километри, со вкупна инвестиција од 61.116.772,50 денари со вклучен ДДВ. Средствата за реализација на проектот се обезбедени преку Министерството за транспорт, додека Општина Крива Паланка е носител и инвеститор на проектот. Изведувач на градежните работи беше компанијата ДППУ „Сандра Инженеринг“ ДОО Скопје.
Со завршувањето на оваа инвестиција, Калин Камен добива подобра сообраќајна поврзаност со градот и околните населени места, а унапредената инфраструктура создава поповолни услови за поголема туристичка посетеност и искористување на природните потенцијали на овој локалитет.
Инвестициите во патната инфраструктура се важен предуслов за поврзување на природните и туристичките вредности со поширокиот регионален развој, а Калин Камен е една од дестинациите чиј потенцијал добива нови можности за афирмација и туристичка валоризација.




