Општина Крива Паланка ја унапредува дигиталната комуникација со граѓаните преку воведување виртуелен асистент на официјалната веб-страница, нова функционалност која овозможува брз и едноставен пристап до информации за општинските услуги,документи, субвенции, постапки и активности.
Со оваа дигитална услуга, граѓаните можат непосредно да поставуваат прашања и да добиваат информации за теми од нивен интерес – потребната документација за административни постапки, условите и можностите за користење субвенции, актуелните јавни повици, општинските услуги и други информации кои се објавени на официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка.
Виртуелниот асистент ги генерира одговорите врз основа на содржините објавени на официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка, обезбедувајќи уште еден начин за побрз пристап до институционалните информации, без потреба од дополнително пребарување низ различните рубрики и објави.
Неговата функционалност ќе се надградува и унапредува континуирано, со проширување и ажурирање на информациската база, во согласност со новите содржини и информации што ги објавува Општината.
Со оваа новина, Општина Крива Паланка продолжува да ги унапредува дигиталните алатки за информирање и комуникација, во насока на поотворена, подостапна и поефикасна локална администрација, поблиску до потребите на граѓаните.
Напомена: Виртуелниот асистент одговара исклучиво врз основа на содржините објавени на општинската веб-страница.




