Продолжува реконструкцијата на патот до Калин Камен – подобра инфраструктура за туристичкиот развој на локалитетот

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес изврши увид во тековните градежни работи на патниот правец кон туристичкиот локалитет Калин Камен, каде што во тек е реализација на значаен инфраструктурен проект за подобрување на пристапноста до една од најважните туристички дестинации во регионот.

Проектот опфаќа реконструкција на патниот правец во должина од околу 6 километри, со вкупна вредност од 61.116.772,50 денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт.

Со реконструкцијата ќе се унапреди сообраќајната инфраструктура и безбедноста на движењето кон Калин Камен, создавајќи подобри услови за пристап до локалитетот и за негово понатамошно туристичко позиционирање.

Калин Камен е простор со значаен природен и туристички потенцијал, а подобрата патна поврзаност претставува најважен предуслов за негово поголемо туристичко користење и за развој на понудата на Општина Крива Паланка.

Согласно предвидената динамика на изведба и во зависност од временските услови, завршувањето на реконструкцијата се очекува до крајот на овој месец.

Инвестициите во патната инфраструктура се инвестиции во подобра поврзаност, поголема пристапност и создавање услови природните и туристичките потенцијали на Крива Паланка да бидат уште подостапни и препознатливи за посетителите.