„Прељубници“ – комедија за љубовта, довербата и брачните недоразбирања на фестивалската сцена во Крива Паланка

Фестивалската сцена во Крива Паланка продолжи со уште една комедија во која публиката лесно можеше да се препознае – „Прељубници“, по текст на лесковачкиот писател и новинар Љубиша Динчиќ.

Во центарот на приказната се Параскева и Влајко, сосема обичен брачен пар и службеници во сметководство, чиј брак одамна е заробен во монотонијата на секојдневието. Кога меѓу нив ќе се појават сомнежи за неверство, наместо искрен разговор започнува една необична „игра“ на љубомора, одмазда и меѓусебно надмудрување.

Следуваа низа комични ситуации, инсценирани љубоморни сцени и неочекувани пресврти, во кои обидот да се докаже сопствената надмоќ постепено излегува од контрола.

„Прељубници“ е комедија на карактери и нарави, но и остроумна сатира на навиките и вредностите на современото потрошувачко општество. Преку автентичниот јужњачки говор, брзите дијалози и експресивната актерска игра на Милица Мршуља и Филип Радивојевиќ, претставата ни донесе непосреден хумор, но и едно тивко прашање – што останува од довербата кога сомнежот ќе стане поголем од љубовта?

Со многу смеа, младешка актерска енергија и приказна во која „обичниот човек“ лесно може да се препознае, „Прељубници“ уште еднаш потврдија дека најдобрите комедии знаат да нè насмеат токму затоа што, во некој дел од приказната, се препознаваме себеси.