Со динамична актерска игра, хумор и искрени аплаузи, претставата „Тестостерон“, во изведба на НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, ја одбележа третата фестивалска вечер на 18. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
Пред бројната кривопаланечка публика, велешкиот ансамбл донесе приказна исполнета со необични ситуации, машки дилеми, суети, карактерни судири и неочекувани пресврти. Преку седум различни ликови и енергична актерска игра, сцената беше исполнета со смеа, динамика и препознатливи човечки ситуации што лесно ја освоија публиката.
Полна сала, искрени насмевки и долги аплаузи беа најубавата потврда дека и третата фестивалска вечер помина во знакот на добриот театар и непосредната врска меѓу сцената и публиката.
Фестивалската приказна продолжува и вечерна од 19.30 часот, на сцената на НУ Центар за култура, следува претставата „Не можам да платам, не сакам да платам“, во изведба на НУВК Театар „Трајо Прокопиев“.




