Со фудбал, одбојка, дружење и спортски натпреварувачки дух, Крива Паланка денес се приклучи кон одбележувањето на Европската недела на спортот и глобалната кампања #BeActive, чија порака е едноставна – да се движиме повеќе, да спортуваме и да бидеме активни.
Во организација на Општина Крива Паланка, во соработка со Министерството за спорт, ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“, беше реализиран Училиштен спортски ден, кој ги обедини младите преку две од најпопуларните екипни спортски дисциплини.
На Градскиот стадион се одржаа фудбалски активности со младите спортисти од ФК „Академија Осогово 2022“, додека во спортската сала при ООУ „Илинден“ учениците од двете општински основни училишта ги одмерија силите во одбојка, во машка и женска конкуренција.
Натпреварите донесоа динамика, спортски предизвик и тимска енергија, но и можност за дружење и заедничко учество – вредности кои спортот ги гради уште од најмала возраст.
Училишниот спортски ден беше реализиран со ангажман на тим формиран од Општина Крива Паланка, наставници од општинските основни училишта и спортски работници од здруженијата на спортисти.
Преку ваквите активности, Општина Крива Паланка продолжува да поддржува можности за спорт, рекреација и активен живот за младите, поттикнувајќи ги тимскиот дух, фер-плејот, дружењето и здравите животни навики.
Зашто спортот не е само натпревар. Тој е движење, енергија, пријателство и навика која се гради секој ден.
Да се движиме. Да спортуваме. Да бидеме #BeActive




