КРИВА ПАЛАНКА ГО ПРОШИРУВА ПРИСТАПОТ „УЧИЛИШТА ШТО ГО УНАПРЕДУВААТ ЗДРАВЈЕТО“

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес беше домаќин на прием во својот кабинет на претставници на Светската здравствена организација (СЗО), меѓу кои и д-р Аким Али, претставник на СЗО во Северна Македонија.

Средбата беше посветена на досегашната соработка, резултатите од пристапот „Училишта што го унапредуваат здравјето“, како и на следните чекори за негово понатамошно интегрирање во образовниот процес во Крива Паланка.

За Општина Крива Паланка, особено значаен е фактот што она што започна како пилот-проект во ООУ „Илинден“, денес прераснува во поширок и системски пристап на локално ниво, со цел здравјето и благосостојбата на учениците да станат составен дел од планирањето и секојдневното функционирање на училиштата.

Советот на Општина Крива Паланка на 17 јули 2026 година ја усвои иницијативата за проширување на пристапот, а веќе на 31 август беа усвоени годишните програми на ООУ „Илинден“ и ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ за учебната 2026/2027 година, во кои здравјето и благосостојбата се интегрирани во различни области од училишниот живот. Со понатамошното проширување се очекува пристапот да опфати околу 1.766 деца во училиштата во Крива Паланка.

Ова претставува значаен чекор за Општината, бидејќи пристапот не се сведува само на одделни активности, туку подразбира поширока грижа за физичкото, менталното и социјалното здравје на учениците, здравата исхрана и физичката активност, безбедноста и превенцијата од насилство, социо-емоционалниот развој и создавањето позитивна и поддржувачка училишна средина.

На средбата беше истакнато и значењето на партнерството меѓу локалната самоуправа, училиштата, наставниците, родителите, здравствените институции и СЗО, како важен предуслов за долгорочно и одржливо унапредување на здравјето и благосостојбата на децата.

Д-р Аким Али, во своето обраќање, ја нагласи важноста децата уште од најрана возраст да стекнуваат вештини и навики за здрав живот, потенцирајќи дека за тоа е неопходно заедничко делување на училишните раководства, наставниците, родителите и институциите. Тој ја истакна и поддршката на СЗО за оваа иницијатива и соработката со општините, вклучително и со Општина Крива Паланка.

Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека позитивните искуства од пилот-проектот ја потврдуваат оправданоста на одлуката Општината да оди чекор понатаму.

„Во Крива Паланка веќе имавме можност непосредно да ги видиме придобивките од пристапот ‘Училишта што го унапредуваат здравјето’ и токму тие позитивни искуства нè мотивираа да направиме чекор понатаму. Нашата определба е здравјето и благосостојбата да не бидат само дел од поединечни активности, туку да станат дел од секојдневното функционирање на нашите училишта.

За мене, особено е важно секое дете да расте и да се образува во средина во која ќе се чувствува безбедно, прифатено и поддржано, средина што подеднакво ќе се грижи за неговото физичко и ментално здравје, но и за неговиот личен и социјален развој.

Со поддршката на СЗО и со заедничка работа на Општината, училиштата, наставниците, родителите и здравствените работници, сакаме позитивното искуство од еден пилот-проект да го претвориме во долгорочна практика. Кога вложуваме во здравјето и благосостојбата на нашите деца, вложуваме во највредното што го имаме, во нивната иднина и во иднината на Крива Паланка“, истакна Митовски.

По приемот кај градоначалникот, посетата на претставниците на СЗО продолжи во училиштата во Крива Паланка, каде што непосредно се запознаа со активностите и практиките поврзани со унапредувањето на здравјето и благосостојбата на учениците.

За Општина Крива Паланка, проширувањето на овој пристап претставува премин од пилот-проект кон конкретна локална политика, со цел создавање училишта во кои, покрај квалитетното образование, подеднакво внимание ќе се посветува на здравјето, безбедноста, благосостојбата и правилниот развој на секое дете.

Општина Крива Паланка продолжува со партнерски и институционален пристап во создавањето подобри услови за децата и градењето здрава и поддржувачка училишна средина.