Позитивните практики на Општина Крива Паланка претставени по повод Меѓународниот ден на демократијата

Денес, во организација на Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП, се одржа тркалезна маса на тема „Отвореност, транспарентност и отчетност во пристапот до информации од јавен карактер и креирањето институционална култура на активна транспарентност“.

На настанот беа споделени позитивните практики на Општина Крива Паланка, како водечка општина во државата според степенот на отвореност и институција која две години по ред е прогласена за најтранспарентна во Македонија.

Во рамките на дискусијата беше презентиран пристапот на Општина Крива Паланка, како и заложбата на градоначалникот Сашко Митовски за создавање ефикасни механизми и алатки за навремено, точно, јасно и разбирливо информирање на граѓаните.

Како конкретни позитивни практики, кои се препознаени и врз чија основа Општината е високо рангирана, беа издвоени:

● редовното ажурирање на официјалната веб-страница и комуникациските канали на Општината;
навременото, точно и јасно информирање на граѓаните;
● достапноста и разбирливоста на информациите за сите категории граѓани, вклучително и за лицата со попреченост;
● транспарентноста во работата и седниците на Советот на Општина Крива Паланка;
● активното вклучување на граѓаните во процесите на креирање локални политики преку буџетските и граѓанските форуми;
● непосредната комуникација со локалното население;
● учеството на граѓаните во одлучувањето преку различните облици на месна самоуправа.

Овие практики потврдуваат дека отвореноста и транспарентноста не претставуваат само формална обврска, туку институционална култура што се гради преку секојдневна, одговорна и непосредна комуникација со граѓаните.

Општина Крива Паланка продолжува посветено да гради отворена, отчетна и достапна локална самоуправа, во која граѓаните се навремено информирани, активно вклучени и слушнати.