КРИВА ПАЛАНКА ПОВТОРНО ПРВА – НАЈОТВОРЕНА ОПШТИНА ВО ДРЖАВАТА ЗА 2026 ГОДИНА

Општина Крива Паланка повторно е најдобро рангирана единица на локалната самоуправа во државата според Индексот на отвореност за 2026 година, со 73% исполнетост на индикаторите, со што ја задржува водечката позиција од претходната година.

Овој значаен резултат е дел од најновото истражување за процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа, спроведено од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција. Истражувањето ги опфаќа сите 80 општини и Градот Скопје, а беше спроведено во периодот од 1 февруари до 30 јуни 2026 година.

Според резултатите, Крива Паланка е на првото место со 73%, пред Берово со 69%, Демир Хисар со 68%, како и Кочани, Битола и Делчево со по 67%. Со тоа, Крива Паланка втора година по ред ја задржува водечката позиција во државата.

Уште еден особено значаен показател е резултатот во областа на транспарентноста, каде Крива Паланка со 83% е повторно најдобро рангирана општина во државата. Националниот просек во оваа област изнесува 47,8%, а по Крива Паланка следуваат Кочани со 81%, Берово со 79% и Велес со 78%.

Индексот на отвореност го оценува работењето на локалните самоуправи преку четири клучни начела транспарентност, свесност, пристапност и интегритет, како и преку заедничкиот домен на отворени податоци.

Значењето на лидерската позиција на Крива Паланка е уште поголемо ако се има предвид дека просечното ниво на отвореност на локалните самоуправи во 2026 година изнесува 39%, а само 15 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа имаат резултат повисок од 50%.

Во анализата се посочува и дека високите резултати не зависат исклучиво од големината на општината или од расположливите финансиски ресурси, туку дека континуираната институционална посветеност, воспоставените внатрешни процедури, активното раководење и проактивното објавување информации имаат значајно влијание врз степенот на отвореност.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека првото место претставува признание за досегашната работа, но и дополнителна обврска за продолжување на воспоставените практики на отворено и одговорно локално управување.

„Горди сме што Крива Паланка повторно е прва. Ова признание им припаѓа на сите што секојдневно придонесуваат нашата Општина да биде отворена, достапна и блиска до граѓаните. За нас транспарентноста не е само обврска, таа е начин на работа и почит кон секој наш сограѓанин. Првото место нè радува, но уште повеќе нè обврзува. Ќе продолжиме посветено, одговорно и со љубов кон Крива Паланка да градиме општина во која граѓаните се информирани, вклучени и почитувани.“

Ова е уште една потврда дека континуитетот во отвореното и отчетно работење носи резултати, но и силен мотив за понатамошно унапредување на комуникацијата со граѓаните, достапноста на информациите и квалитетот на локалното управување.

Крива Паланка останува на врвот, со работа, одговорност и отвореност кон граѓаните.