Крива Паланка влегува во своите фестивалски денови!
Од 21 до 29 август, градот ќе живее во посебен ритам – со спорт, фолклор, традиција, култура, вера и музика, обединувајќи ги граѓаните и гостите во деветдневна празнична приказна. А последната недела од претпразничниот период носи и најмногу причини календарот да биде внимателно заокружен. Па кој ќе сака да ги доживее сите фестивалски моменти, ќе има што да избере.
Програмата започнува со „Фудбал за сите“, што ќе се реализира од 21 до 25 август, носејќи спортски дух и заедништво, а празничната атмосфера од 25 до 27 август ќе ја надополнат две содржински целини што ја слават традицијата и културното наследство.
На сцената доаѓа XXI Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, кој повторно ќе го претвори градот во средиште на фолклорните звуци, игри и традиции. Паралелно, „Шопско село“ ќе понуди поинакво патување низ традицијата – со автентични вкусови, занаети, ракотворби, музика и духот на шопската култура и обичаи.
На 28 и 29 август, празничната програма ќе добие и духовна димензија, со денови посветени на Успението на Пресвета Богородица и празникот Св. Јоаким Осоговски, патронот и заштитник на градот.
А потоа – големото финале.
29 август е резервиран за музичка завршница која ветува спектакл, со настапите на Слаткар, Лепа Брена и Ацо Пејовиќ, со што фестивалските денови ќе завршат во ритам што, несомнено, ќе се памети.
Девет дена, повеќе различни лица на празникот и една заедничка енергија – Крива Паланка заедно да ги дочека и прослави своите најубави празнични денови.
Фестивалските денови доаѓаат. Крива Паланка е подготвена. А празникот допрва започнува.




