Крива Паланка и оваа година со особена радост ги пречека учесниците на Europ’Raid – авантуристичкото патување кое години наназад ги поврзува Франција и Македонија преку пријателство, солидарност, културна размена и незаборавни средби.
Пристигнувањето на караванот од автомобили повторно донесе посебна енергија во градот, но и потсетување дека некои патувања се многу повеќе од километри и нови дестинации. Тие создаваат врски меѓу луѓето, отвораат простор за запознавање на различни култури и, најважно, оставаат пријателства што траат.
Посебно значаен дел од овогодишната посета беше донацијата на училишен прибор и едукативни материјали наменети за учениците од Крива Паланка. Благородниот гест на учесниците на Europ’Raid уште еднаш покажа, дека вистинското пријателство не се препознава само по убавите средби и споделените моменти, туку и по подготвеноста да се помогне и да се даде придонес за заедницата.
Во знак на благодарност за посетата и за оваа значајна донација, на присутните им се обрати градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој истакна дека шестгодишното пријателство со учесниците на Europ’Raid прераснува во вредна традиција и мост што ги поврзува Македонија и Франција.
„Шест години пријателство, доверба и убави спомени се доказ, дека кога луѓето се поврзуваат преку искрени вредности, границите стануваат помалку важни. Ви благодарам за посетата, за прекрасниот гест и за тоа што повторно ја избравте Крива Паланка како место на вашето патување. Нека вашите патишта ве водат кон нови хоризонти, а пријателството секогаш нека ве враќа во Крива Паланка“, порача градоначалникот Митовски.
Од првата средба до денес, Europ’Raid во Крива Паланка веќе не е само дел од една меѓународна авантура. Стана препознатлива приказна за средби, насмевки, младост, солидарност и културно поврзување – приказна која секоја година добива ново поглавје.




