Општина Крива Паланка повторно град-домаќин на „Europ’Raid 2026“

На 13 август, по шести пат, Општина Крива Паланка ќе биде единствениот македонски град-домаќин на авантуристичкиот караван „Europ’Raid 2026“, во кој учествуваат млади авантуристи од Франција. Патувајќи со автомобили Peugeot 207, учесниците го минуваат европскиот континент, запознавајќи ги природните убавини, културата, традицијата и гастрономијата на 20 европски земји. По пристигнувањето во Крива Паланка, за учесниците ќе биде организиран франкофонски музички хепенинг во ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, збогатен и со македонски музички изведби, со цел преку музиката да се претстават македонската култура и традиција.

Во вечерните часови, гостите ќе имаат можност да проследат културно-уметничка програма, по што на летната сцена на Градскиот плоштад ќе настапи македонската рок-група „Паркети“.

На настанот ќе присуствуваат делегација од Амбасадата на Франција, претставници на Францускиот институт во Скопје, претседателката на Здружението на професорите по француски јазик на Република Северна Македонија, претставник од Бирото за развој на образованието, како и претставници на други франкофонски здруженија и организации.

Општина Крива Паланка е избрана за македонски град-домаќин на „Europ’Raid“, во соработка со Амбасадата на Франција, како признание за бројните активности и постигнатите резултати во областа на франкофонијата.

Годинава, околу 150 автомобили со повеќе од 500 учесници повторно ќе ја поминат Европа носејќи ја хуманата мисија на „Europ’Raid“ – меѓународна помош и соработка. Во рамки на мисијата, учесниците донираат училишен прибор, едукативни материјали и спортска опрема за деца од земјите низ кои поминуваат, а дел од донациите ќе бидат наменети и за младите франкофони – ученици при ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка.

Со оваа традиционална соработка, Крива Паланка и годинава ќе биде место на средба на француската авантуристичка мисија, франкофонијата и македонската култура, потврдувајќи ја својата улога како активен промотор на францускиот јазик и култура.