Во рамките на августовската културна програма, Крива Паланка ќе биде домаќин на уште една вечер посветена на традицијата, музиката и културното наследство на градот. Староградското друштво „Распеани Паланчани“ ќе го претстави богатството на кривопаланечката староградска песна на концертот што ќе се одржи на 12 август, со почеток во 20:30 часот, во ЛУ Градски музеј – Крива Паланка.
Публиката ќе има можност да ужива во познатите староградски песни инспирирани од кривопаланечката традиција и историја, но и од вистински настани и личности, преку кои се раскажуваат приказни за едно време и се пренесува автентичниот дух на градот.
„Распеани Паланчани“ се едни од препознатливите чувари на ова музичко наследство, кое со години го презентираат на фестивали и културни настани во земјата и странство. Низ друштвото во текот на годините поминале бројни членови, а особено значајно е што традицијата продолжува да живее и преку вклучувањето на младите генерации.
„Кривопаланечки староградски песни“ ќе биде вечер во која песната ќе ги оживее спомените, приказните и атмосферата на старите градски времиња – како сведоштво за културата што го градела идентитетот на Крива Паланка.
12 август од 20:30 часот
ЛУ Градски музеј – Крива Паланка




