Во рамки на програмата на „Кривопаланечко културно лето 2026“, синоќа во НУ Центар за култура – Крива Паланка се одржа традиционалната Меѓународна поетска манифестација „Лирски треперења“, која и годинава ја потврди својата препознатливост како значаен културен настан што ги обединува љубителите на поезијата и пишаниот збор.
На манифестацијата настапија 50-тина поети од Македонија, Бугарија и Србија, кои преку своите творби создадоа вечер исполнета со емоции, инспирација и уметнички израз. Пред публиката беа прочитани стихови, афоризми и рецитали од афирмирани и современи автори од Скопје, Куманово, Кочани и Крива Паланка, како и од гости од соседните земји, потврдувајќи ја моќта на поезијата да ги поврзува луѓето, културите и традициите.
Посебен белег на вечерта дадоа младите автори од Литературниот клуб „Калин“, кои се претставија со свои авторски поетски творби, внесувајќи свежина и нова творечка енергија во програмата.
Музичка димензија на манифестацијата ѝ дадоа младите франкофони од Крива Паланка, под менторство на наставничката Елена Николовска, кои со изведба на познати француски шансони ја збогатија програмата и придонесоа за уникатната атмосфера на оваа поетска вечер.
Поезијата уште еднаш ги сплоти авторите и публиката, претворајќи ја сцената во простор на искрени емоции, креативност и духовно богатство. „Лирски треперења“ продолжуваат да ја негуваат литературната традиција и да создаваат можности за културна размена, афирмација на современото творештво и промоција на младите автори.
Благодарност до учесниците и бројната публика, кои со своето присуство придонесоа за уште едно успешно издание на оваа меѓународна поетска манифестација, потврдувајќи дека Крива Паланка останува град што ја вреднува и ја негува културата, литературата и уметноста.




